Во рамки на работната посета на Сојузна Република Германија, како дел од високата владина делегација, директорот Гоце Димовски, учествуваше на бизнис средба со претставници на германски компании од покраината Северна Рајна-Вестфалија, посветена на унапредување на економската соработка, поттикнување нови инвестиции и зајакнување на деловните партнерства меѓу двете земји.
Средбата претставуваше можност за директен дијалог со претставници на германската деловна заедница, вклучително и компании кои веќе се присутни на македонскиот пазар, при што беа разгледани можностите за проширување на постојните инвестиции, реализација на нови инвестициски проекти и отворање нови, високоплатени работни места.
Во рамки на разговорите, директорот Димовски ги претстави инвестициските потенцијали на технолошките индустриски развојни зони, со посебен акцент на конкурентните услови за инвестирање, развиената инфраструктура, стратешката географска положба и институционалната поддршка што Дирекцијата за ТИРЗ ја обезбедува за странските инвеститори.
Димовски го истакна значењето на германските компании како важни партнери во развојот на македонската индустрија, нагласувајќи дека нивното присуство и интерес за натамошна соработка претставуваат значаен потенцијал за економски раст, трансфер на современи технологии и отворање нови можности за домашната економија. Притоа, посочи дека Дирекцијата за ТИРЗ останува посветена на градење долгорочни партнерства со меѓународната деловна заедница и создавање услови за привлекување инвестиции со повисока додадена вредност.
На средбата беа разгледани и пошироките можности за економска соработка во повеќе стратешки сектори, меѓу кои информатичко-комуникациските технологии, обновливите извори на енергија, здравството, инфраструктурниот развој и дигиталната трансформација на индустријата, како области со потенцијал за нови партнерства и инвестициски активности.
Ваквите средби претставуваат значаен чекор кон натамошно продлабочување на македонско-германските економски односи, отворајќи простор за нови деловни контакти, размена на искуства и конкретизирање на идни можности за соработка. Во таа насока, Дирекцијата за ТИРЗ продолжува со активностите за промоција на инвестициските потенцијали на Македонија и нејзино позиционирање како конкурентна и доверлива дестинација за долгорочни инвестиции.