Директорот Димовски оствари средба со претставници на ЕБОР и Finance Think
Согласно активностите за унапредување на конкурентноста на економијата, директорот Гоце Димовски оствари работна средба со Маја Столевска Костадинова, дел од проектниот тим на ЕБОР и Благица Петрески, извршен директор на Finance Think. Средбата имаше за цел дефинирање на дополнителни мерки за зголемување на конкурентноста на Македонија (Competitiveness Policy Priorities – CPP), во рамки на проектот на Европска банка за обнова и развој – „CPPs in the Western Balkans“.
На средбата беа разгледани досегашните резултати од првата фаза на проектот, при што беше констатирано дека дел од предложените мерки веќе се во фаза на имплементација, согласно нивната релевантност и институционална подготвеност.
Директорот Димовски ја истакна важноста од континуирана соработка со релевантните партнери, со цел креирање ефективни и одржливи политики кои ќе придонесат кон зголемување на конкурентноста, привлекување инвестиции и забрзан економски раст.
Воедно, фокусот беше ставен на ажурирање на преостанатите мерки кои не беа опфатени во иницијалниот циклус, со цел нивно понатамошно унапредување и разгледување за имплементација во следниот период. Во таа насока, беше потенцирано дека преку годишните циклуси на ревидирање на CPP мерките, се овозможува флексибилен и стратешки пристап во креирањето политики, усогласен со актуелните економски текови и приоритетите на Владата.

