ТИРЗ ГО ЗАПИРА ДОГОВОРОТ ЗА ДРЖАВНА ПОМОШ ЗА Е.ГО

Дирекцијата за ТИРЗ како застапник на Владата во Договорот за доделување на државна помош со компанијата е.Го информира дека се запира извршувањето на Договорот и секоја постапка предвидена за доделување на јавни средства.

Запирањето на доделувањето на државна помош следи по добиени јавно достапни информации за поднесено барање за несолвентност на компанијата „мајка“ во СР Германија. Барањето е поднесено пред надлежните судови во оваа земја. Со ова, Дирекцијата за ТИРЗ, како застапник на Владата ги активира заштитните механизми во потпишаниот договор, кои ги предвидуваат и овие околности (стечај, ликвидација), како предуслов за запирање на доделување на државна помош.

Имајќи го предвид интересот на граѓаните исто така информираме дека, и покрај доставените барања од страна на инвеститорот, досега не се доделени никакви средства на компанијата.

За сите понатамошни чекори поврзани со овој проект и натамошните активности околу евентуалната реализација Дирекцијата за ТИРЗ, како застапник на Владата во овој договор, како и досега, ќе дејствува целосно во заштита на јавниот интерес и навремено ќе достави информации.