ТИРЗ: МУЛТИНАЦИОНАЛНАТА КОМПАНИЈА ЕМАПТА СО НОВА ИНВЕСТИЦИЈА ОД 30 МИЛИОНИ ЕВРА

Мултинационалната водечка компанија за аутсорсинг услуги ЕМАПТА ќе отвори деловен простор од 6 000 метри квадратни во ТИРЗ Скопје 1 и планира да вработи 850 млади луѓе во наредните пет години или преку 2500 за една деценија. До крајот на инвестицискиот период само за плати компанијата ќе вложи над 15 милиони евра годишно.

Како што истакнаа премиерот Димитар Ковачевски и директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски кои денеска, на средба со новинари, ја промовираа инвестицијата, со ова се отвора целосно нов профил на инвеститори и инвестиции каде високоплатените работни места и можностите за младите луѓе се клучен елемент на инвестицијата.

Премиерот Ковачевски, нагласи дека за профилот на оваа компанија доволно говори фактот што со својата мрежа се протега низ цела Европа, Јужна Америка и со силно глобално присуство во Австралија, Сингапур, Шри Ланка, Малезија, Нов Зеланд и други, со портфолио од 730 компании клиенти и 7 600 вработени ширум светот.

“Со проширувањето на ЕМАПТА во земјава и нивната инвестиција во ТИРЗ Скопје 1, воведуваме нов пристап кон диверзификација на инвестициите и проширување кон услужните дејности. Преку ЕМАПТА, нашите млади луѓе ќе работат за компании од светски ранг, ќе станат дел од глобалните текови. Ќе работат локално, но ќе делуваат глобално. Со тоа и Северна Македонија станува дел од светските глобализациски трендови, потенцира Ковачевски. ЕМАПТА обезбедува квалитетна работна сила за нејзините клиенти глобално,“ рече премиерот Ковачевски.

Прeмиерот  додаде и деке е “горд на успесите кои ги постигнавме минатата година и се надевам дека ќе ни бидат поттик годинава да бидеме уште подобри и поуспешни и да ја движиме државата што побрзо напред кон постигнување на нашата цел-влезот во ЕУ. Тука сме за да заокружиме плодна година со рекордни резултати и да најавиме уште една, прва инвестиција во новата година, која не само што ќе го збогати бизнис амбиентот, туку и ќе го зајакне уште повеќе имиџот на нашата земја како држава со поволна бизнис клима за инвестиции.“

Директорот на ТИРЗ,  Деспотовски нагласи дека и со оваа инвестиција во пракса покажуваме дека се ориентираме кон инвестици кои носат директна придобивка за граѓаните, особено за младите.

„Ја отвораме годината исто како минатата, со најава на нова странска инвестиција. Компанијата Емапта отвора можност за вработување на над 850 млади луѓе од Македонија кои ќе бидат тука, ќе заработуваат добри плати и своето семејство и иднина ќе ги планираат овде, а притоа ќе работат за глобални компании. Тоа е моделот и концептот со кој започнуваме годинава.

На самиот почеток на мандатот на оваа Влада најавивме фокус на работни места и фокус на плати, и тоа е тоа што е важно за граѓаните. Не се важни бројките, иако имаме тука со што да се пофалиме. Овие 30 млади луѓе кои веќе работат во Емапта се дел од оние 1600 кои во изминатите 12 месеци добија можност да остварат едно од основните човекови права, правото на добро заработување за прстоен живот во рамки на Зоните. Во изминативе 3 години таа бројка е повеќе од 5000, во изминативе 7 таа бројка е повеќе од 12 илјади. И ако некој има дилема за учинокот на оваа политичка гарнитура, во делот на стрнските инвестиции, не треба да има, бидејќи 12.000 нови работни места се искреирани во последните 6 години – тоа е 3 пати повеќе од она што го затекнавме во 2016. Дополнително, просечната бруто плата во месец ноември надмина 60.000 денари, “ рече Деспотовски.

Тој додаде и дека токму со Емапта се креира една од мерките со кои се поттикнува засилување на растот на платите. “Компанијата ќе добие поддршка од страна на државата преку грант за креирање на нови работни места, во износ од 3250 евра по работно место, под услов, платата која ќе се исплаќа на овие млади луѓе да биде 50% над државниот просек. Ова значи дека компанијата ќе добие средства од државата за секоја нето плата којашто ќе биде повисока од 1000 евра месечно. Ова е еден од начините како поттикнуваме засилување на раст на платите,“појасни Деспотовски.

„Географската поставеност на Северна Македонија во рамките на Балканот, заедно со нејзината енергична работна сила која го владее англискиот јазик, ја позиционира како идеално место за проширување на Емапта. Во соработка со нашите  680+ ценети глобални партнери, Емапта ветува дека ќе создаде над 2.000 можности за вработување за граѓаните на С. Македонија во следната деценија.  Овие работни позиции ќе нудат компетитивни примања, и бонуси , охрабрувајќи ги поединците да напредуваат во границите на земјата.  Во моментов, Емапта вработува нови 19 кандидати, а во тек се иницијативи за регрутирање.“ изјави Инге Звицк, директорка на ЕМАПТА Македонија.

На промоцијата беа и дел од младите кои веќе работат во ЕМАПТА кои ги споделија своите искуства. 23 годишниот Виктор Нанковски е информатичар кој од неодамна работи во компанијата:

„Студирав информатика во Словенија, од каде се вратив и барав прилика за да работам за странска фирма, ама овде дома. Емапта беше совршена прилика за тоа и моментално сум навистина задоволен, особено што гледам и можности за напредок.“

25 годишната Сара Панова е во компанијата од основањето во земјава.

„Благодарам на поканата да бидеме присутни денес овде, да ја презентираме новата странска инвестиција, која е одлична прилика за младите луѓе, за амбициозните луѓе, за сите оние кои сакаат да работат во работна средина како во странство, но сепак од дома во домашни услови со странски плати. Се надевам на што поголем број млади луѓе да ни се приклучат,“ порача Сара.

Во земјава, Емапта се фокусира на соработка со таленти во различни домени, вклучувајќи продажба, маркетинг, ИТ позиции, а воедно нудат и специјализирана програма за обука на ИТ софтвер имженери прилагодена за неодамна дипломирани студенти, воведена во 2023 година.

Основана во 2010 година во Австралија од основачот Тим Ворбах, корпорацијата работи по one-stop-shop концепт и нуди широк спектар професионалци и дејности со цел да ги задоволат различните барања и потреби на компаниите клиенти.

Широкaта понуда на професионални услуги и таленти на ЕМАПТА се насочени кон клучните вертикални пазари, вклучувајќи ИТ и ИКТ, медицина, телеоператори и телекомуникации, IoT (Internet of Things), софтверски инженеринг, истражување и развој во компјутерски технологии, сметководство, продажба. ЕМАПТА опслужува разновидни водечки глобални брендови на 4 континенти. Во 2022 година остварила приходи од 2,8 милијарди долари, со проекција до три милијарди американски долари за идната година. Според финансиските проекции на ЕМАПТА Македонија до 2027 година компанијата предвидува приходи од 14 милиони евра, а до крајот на инвестицискиот проект во 2033 се предвидуваат приходи од 66 милиони евра.Целната група на компанијата се млади квалитетни луѓе во најголем дел со високо образование кои ќе останат во државата и ќе работат за странски клиенти. ЕМАПТА цели кон ширење на целиот европски континент преку главното седиште овде во Скопје.