ТИРЗ И МАКЕДОНИЈА 2025 – УНАПРЕДУВАЊЕ НА СОРАБОТКАТА ВО ДЕЛОТ НА ПОТТИКНУВАЊЕ ИНВЕСТИЦИИ

Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски оствари средба со еден од основачите на меѓународната невладина организација Македонија 2025, Мајк Зафировски, претседател на Заф групацијата, и членовите на бордот Никица Мојсовска Блажевски, извршен директор на МК2025, Живко Мукаетов извршен директор и претседател на Управниот одбор во Алкалоид и Виктор Мизо, директор на Костал Македонија. Целта на средбата беше унапредување на соработка во делот на поттикнување и привлекување странски инвестиции во земјава и мобилизација на поддршката од етаблираните членови на организацијата во глобални бизнис рамки. На средбата се разговараше за конкретни можности за соработка и размена на искуствата во однос на инвестициските активности.

Деспотовски им се заблагодари за досегашниот придонес на Македонија 2025 за поддршката и промоцијата на земјата како инвестициска дестинација. Директорот на ТИРЗ, меѓу другото го презентираше и новиот концепт за поттикнување на инвестиции и можностите за странски инвеститори со фокус на напредни технологии. Тој нагласи дека предноста на Северна Македонија како мала земја е тоа што поблиску се фокусира на реалните потреби на инвеститорите и креира соодветна поддршка.

Зафировски нагласи дека како организација се генерално подготвени да помогнат, како и дека е важно да имаме силни домашни компании, но и странски инвестиции и јасна визија за раст како главен приоритет.

Главна мисија на меѓународната невладина организација Македонија 2025, е креирање и унапредување на динамична платформа за споделување на знаења од областа на бизнисот, економијата, технологијата, лидерството и иновациите, во насока на поттикнување на економски развој и одржливост.