ТИРЗ: 35% ПОВЕЌЕ СРЕДСТВА ВО БУЏЕТОТ НА ДРЖАВАТА

Компаниите во технолошко – индустриските развојни зони уплатиле 35% повеќе средства во Буџетот на државата во 2022 споредено со 2021, покажува годишната анализа на ТИРЗ. Податоците во анализата направена врз база на завршните сметки од компаниите покажува и раст на профитот на компаниите, како и зголемен тренд на раст на платите споредено со државниот просек.

„Имаме сериозен раст на уплатите во буџетот од страна на компаниите. Само по основ на придонеси за плати имаме 35% зголемени уплати, односно над 750 милиони денари повеќе во буџетот во 2022 споредено со 2021 година. Тоа пред се должи на засилениот раст на работни места од над 17% и засилената динамика на раст на платите. Особено ме радува тоа што динамиката на раст на нето платите во зоните ја надминува динамиката на раст на нето платите во државата каде имаме регистрирано раст од најмалку од 13%,“ изјави Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ кој ги презентираше резултатите од годишната анализа.

„Целта што ја поставивме во однос на платите ја остваривме, меѓутоа ако ме прашате дали е доволно ќе речам не. Секогаш дополнително треба да работиме на ова поле за да обезбедиме подобри услови за живот за оние веќе речиси 17.000 граѓани кои работат во зоните,“ нагласи Деспотовски.

Особено позитивно е тоа што анализата покажува и дека продолжува раст на приходите и добивката кај компаниите. Во 2022 година компаниите во ТИРЗ оствариле ниво на нето добивка за 10% повисоко споредено со претходната година, од кои исто така дел влегуваат во Буџетот.

„За 1 евро исплатено од државата компаниите назад во буџетот враќаат најмалку 4 евра. Компаниите и покрај растот на плати и повисоки цени за репроматеријали  остваруваат профит што значи дека економијата, особено во Зоните успешно ги надминува глобалните економски кризи. Овие бројки се доказ дека со домаќински пристап и посебни мерки креираме поволна бизнис клима од која сите имаат бенефит – и компаниите, и граѓаните и државата,“ рече Деспотовски.

Деспотовски најави дека до крајот на јуни ќе се склучат договори со уште три компании за инвестиции од над 150 милиони евра, како и дека во следните недели ќе се презентира првата голема македонска компанија во Зоните. Деспотовски посочи дека со ова се влегува во нов развоен инвестициски концепт со фокус на домашната економија и македонските компании.

За да ја симнете презентацијата, кликнете овде.